Филмската монтажерка Олга Лукова-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре се годинешни лауреати на признанието „Златен објектив“ што го доделува Кинотеката на Северна Македонија.
Кинотеката го доделува ова признание секоја година, по повод роденденот на 29 април, на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонесле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Олга Лукова-Дончиќ е родена во 1945 година во Скопје каде што завршува средно музичко училиште во 1964 година. Од 11 ноември 1967 работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. За кратко време се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и на долгометражни филмови, соработувајќи со водечките македонски филмски автори. Кариерата ја завршува во 1986 година.
Благоја Куновски-Доре – долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ – е роден во Скопје во 1946 година. Тој е основач на уметничкото кино „Фросина“ и на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ при Младинскиот културен центар во Скопје, како и основач и програмски координатор на Меѓународниот фестивал на анимиран филм „Анимакс Скопје фест“. Куновски со децении е член на ФИПРЕСЦИ (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique – FIPRESCI), десетина пати бил член и/или претседател на оваа водечка интернационална асоцијација на филмските критичари на филмските фестивали во Кан, Берлин, Венеција, Лондон, Москва, Карлови Вари.