Двата најпознати македонски музички бренда, угледниот гитарист Влатко Стефановски и Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, синоќа во Коларчевата задужбина во Белград, пред преполна сала, направија незаборавен сценски спектакл, јави дописникот на МИА од Белград.
Првиот заеднички настап на Влатко Стефановски и „Танец“ се реализира минатата есен во Скопје, а потоа вакви концерти се одржаа во Охрид, во Битола и на фестивалот ЛЕНТ во Марибор, Словенија.
Како што јави дописникот на МИА, на концертот можеле да се слушнат интересни комбинации на традиционални нумери од богатиот фолклор на македонската музика, вокали, инструментални нумери и импровизации, со нивна фузија и свртување кон џез-музиката.
Специјално за овој проект, за народниот оркестар на „Танец“ се направени специјални аранжмани од врвниот македонски инструменталист и автор Дамир Имери, но во малку помодерен дух.
Влатко Стефановски и „Танец“, претставувајќи ја македонската музика и култура со интересен инструментален и вокален спој, ги изведоа антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, кои наидоа на одличен прием кај белградската публика.