Во организација на Амбасадата на Северна Македонија во Република Албанија, во Драч беше отворена изложбата „Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско“ од богатиот фундус на Заводот и музеј од Битола.
Мери Стојанова и Наде Геневска-Брачиќ се авторки на изложбата која се реализираше во соработка со градоначалничката на Драч, Емиријана Сако, и со Археолошкиот музеј на Драч.
Во рамките на изложбата беа претставени градски носии и ковчези од крајот на 18 и почетокот на 19 век, кои предизвикаа особено внимание во јавноста.
– Во своето обраќање, амбасадорот Данчо Марковски, потенцирајќи го значењето на овој вид соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, повика на потребата од заеднички туристички настап на двете земји на меѓународниот туристички пазар, кои, меѓу другото, се поврзани и со „Виа Игнација“ – стои во објавата на Амбасадата.
Изложбата беше повод и за потпишување Меморандум за соработка меѓу двата музеја, коишто на пригоден начин го одбележаа и Светскиот ден на музеите – 18 Мај.