По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје на 26 април, со почеток во 12:00 часот, со чествување на книгата, авторите и читателите, го организира овој веќе традиционален настан со подарување книги и рози во холот на Библиотеката.
Освен книгите што ги подарува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, со своја донација и придонес во чествувањето партиципираат и Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава, но и приватните издавачки куќи „Aрс студио“, „ТРИ“, „Светот на Биби“, како и Институтот „Конфуциј“.
По повод овој празник, традиционално Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ подарува скромен фонд на книги на други правни лица или институции кои имаат потреба од нив. Така, на пример, ланската година беа подарени книги на Инфективната клиника во Скопје.
Светскиот ден на книгата и на авторското право се чествува на 23 април, а во чест на двајцата великани на светската книжевност, Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес, кои со своите дела го задолжија човештвото.
Инаку, одлуката за одбележување на Светскиот ден на книгата и на авторското право е донесена на Конференција на УНЕСКО одржана во Париз во 1995 година.