Мултимедијалниот проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, „Пресек: Дама со девет камења“, вечер ќе биде претставен во галеријата Чифте амам. Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања меѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Талевски, со своите цртежи изработени со јаглен, ги бележи времето и просторот преку претставување реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.
Како што наведуваат од Националната галерија во најавата за изложбата, Талевски преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и го комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релацијата меѓу Битола и Филаделфија. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања од политички состојби фокусирајќи се на теми, како што се: индивидуалната и колективната меморија, припаѓањето, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување или бришење.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2022 година.