Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ од Неготино со поддршка на Министерството за култура во текот на 2021 година ќе реализира повеќе проекти од различни дејности на културата, а планирани се и гостувања на самостојни уметници од музичко-сценската дејност чии проекти се одобрени од Министерство за култура.
Во фолклорната и сценско-уметничката дејност до крајот на 2021 година е предвидена поставка на сценска адаптација на ора и песни од Скопска Блатија, со носии од овој етнички предел. Одобрени се средства и за активностите на КУД „Јане Сандански“ кое функционира при оваа национална установа, а членовите на ова друштво, на крајот на годината, во согласност со здравствените протоколи, ќе одржи и традиционалниот „Годишен концерт“.
За 2021 година во Центарот за култура Неготино ќе се реализираат и следниве активности: во јуни ќе се организира традиционалниот џез фестивал „Jazz 1440“, а пред публиката во овој град ќе бидат претставени и џез концертот „Вечер со Клод Болинг“, како и најстарата традиционална музичка манифестација „Бест Воис“.
Предвидени се средства и за преземање на слики од ликовни колонии и изложби на самостојни ликовни уметници кои ќе се претстават во оваа национална установа. Исто така, ќе се организираат и изложби на фотографии од „Фото и видео клубот Ацо Ѓорчев“ -Неготино кој работи во рамките на Центарот за култура Неготино.
Во текот на месец декември ќе се одржи и театарската претстава „Заеднички стан“, во изведба на членовите на Аматерскиот театар при Центарот за култура.
Од областа на инвестициите оваа година се одобрени средства за набавка на компјутерска опрема и тековно одржување на ПП опрема.
Во рамките на Годишната програма за работа на Центарот за култура , се одржуваат и многубројни литературни читања по повод „Светскиот ден на книгата“, „Меѓународниот ден на мајчиниот јазик“, „Светскиот ден на поезијата“, во соработка со Основните и Средното општинско училиште во Неготино.