Музеи од Северна Македонија, Бугарија и од Србија потпишаа договори за заеднички активности

од admin_kult

Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките и Националниот музеј на Србија денеска во Министерството за култура на Бугарија, во присуство на ресорниот министер Велислав Минеков, потпишаа договори за заеднички активности, јави дописникот на МИА од Софија.

На потпишувањето присуствуваа замениците министри за култура на Бугарија, Борислава Танева и Пламен Славов, како и амбасадорите на Северна Македонија и на Србија во Софија, Агнеза Руси-Поповска и Желко Јовиќ.

Бугарскиот министер за култура, Минеков, на церемонијата ги истакна добрата соработка и плодните средби што ги оствари неодамна во Северна Македонија, како и претстојната изложба за Требеништа во Софија.

Амбасадорката на земјава во Софија, Руси-Поповска, се осврна на позитивната динамика на односите меѓу двете соседни држави и зборуваше за заедничката европска иднина.

Договорите потпишани во Софија се за период од седум години. По изложбата за некрополата од Требеништа, следен чекор на соработката меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при БАН се планира следната година, кога бугарскиот музеј треба да постави изложба во Скопје посветена на културата на античка Тракија. Првата заедничка изложба, „100 години Требеништа“, со голем успех се одржа во Скопје во 2019 година. Според договорите во Софија, планирано е следните две изложби поврзани со богатствата од Требеништа да се одржат во Софија во 2023 година и во Белград во 2025 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе