МСУ со  изложба во „Кунстхале“ во Виена   

од admin_kult

Во почетокот на следната година во престижниот простор „Кунстхале“ (кој е дел од Музејски кварт/MuseumsQuartier), еден од најголемите европски културни центри во срцето на Виена на 1000 квадратни метри, за првпат ќе бидат претставени дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог меѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како ја доживуваат уметниците оваа збирка денес, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ– Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и Градот Скопје.

Уметници кои веќе избираат дела од колекцијата на МСУ – Скопје со кои ќе воспостават дијалог меѓу делата и нивната работа се: Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (РС Македонија), Христина Ивановска (РС Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција).

Уметница која создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија), а уметница која прави патопис низ градот и Музејот е Барби Марковиќ (Србија).

Досега во посета на Скопје и на МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе започнаа да фотографираат и да избираат дела од уметничката колекција на Музејот.

Неодамна, пак, директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори беше во возвратна работна посета на музејот „Кунстхале“,  и изјави: „ Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе ѝ биде претставено и на нашата публика, по завршувањето на изложбата во ’Кунстхале‘ во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот ’Шчо делат‘, Таниа Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе