Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска (8 април), во 19 часот, ќе биде изведена монодрамата „Соништата на Хамлет“ од познатата украинска драмска писателка, критичарка и член на Интернационалниот театарски институт, Нина Мазур. Монодрамата е во режија и изведба на косовскиот актер и режисер Ментор Зумберај.
Како што информираат од КИЦ Софија, Зумберај е едно од најпознатите актерски имиња на Косово, професор на Универзитетот во Приштина и докторанд на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Автор е на повеќе десетици монодрами, филмски улоги, претстави за деца и добитник на огромен број награди и признанија. Неговите дела се изведени низ целиот свет, и тоа во Италија, Северна Македонија, Романија, Албанија, Косово, Словенија, Грција, Украина, Бугарија, САД, Египет, Холандија, Монголија, Швајцарија и во многу други држави. Тој е претседател на косовскиот Интернационален театарски институт.