Во Концертната сала при Центарот за култура во Дебар денеска (28 март), со почеток во 16:30 часот, ќе се одржи 13-тото издание на Фестивалот на детски забавни песни на македонски јазик „Радика-фест“ 2022.
Како што информираат од Центарот за култура – Дебар, на Фестивалот ќе бидат изведени 18 нови авторски композиции од изведувачи и автори од Дебар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа, Гостивар, Струга, Охрид и од други градови.
Во оваа национална установа во петокот, пак, беше отворена самостојната изложба на Валентина Илијевска – македонски графичар, конзерватор и реставратор на мозаик, ѕидно сликарство и на икони.
Изложбата, која ја отвори директорот на Центарот за култура – Дебар, Зинче Мимидиноски, за публиката ќе биде достапна до 31 март.
Двете културни активности се реализираат со поддршка од Министерството за култура.