Костадиновска-Стојчевска со телеграма со сочувство по повод смртта на Мето Јовановски

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска упати телеграма со сочувство по повод смртта на една од најголемите македонски актерски легенди, Мето Јовановски, во која истакна дека тој беше актер со моќна енергија, со појава и интерпретација кои станаа белег на македонскиот филмски и театарски простор.

„Мето Јовановски е вистинска легенда. Неговото заминување од актерската сцена е ненадоместлива загуба за културата на државава, но улогите што ни ги остави, се остварувања за паметење. Мето создаде вредно културно богатство кое нѐ задолжува да го чуваме и да го афирмираме како вредност од национален интерес“, напиша Костадиновска-Стојчевска во телеграмата со сочувство.

Мето Јовановски е роден во 1946 во село Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија, и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип каде што настапувал уште пред да се запише на студиите.  Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

„Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“, „Најдолгиот пат“, „Опстанок“, се дел од филмските проекти во кои Мето Јовановски играше главна улога.

Јовановски за своите театарски, филмски и телевизиски улоги ги има добиено државните награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“. Тој е добитник и на: наградата „Златна клапа“ во Белград, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, наградата за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022, како и четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе