Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во својот кабинет се сретна со претставници од Универзитетското студентско собрание, при што беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Со Меморандумот е уреден студентски попуст од 50 проценти на влезниците за сите студенти што имаат индекс со заверен семестар за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата“, рече министерката за култура во изјавата за медиумите.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека со овој меморандум се опфатени сите национални установи во Република Северна Македонија. Таа потенцираше дека Меморандумот нуди повеќе придобивки за студентите и додаде: „Студентите ќе имаат еднаква можност за достапност на културната сцена, ќе се зголеми нивното присуство во културните установи, ќе имаат можност да ги посетат сите културни настани во Република Северна Македонија коишто ги организираат сите национални установи во државава, ќе помогнеме за олеснување на нивниот стандард, нешто од што произлезе и оваа иницијатива“.
Министерката за култура потенцираше дека студентите, односно младите се во фокусот од почетокот на нејзиниот мандат. Министерката потсети дека и во Законот за култура, кој е во подготовка, се предвидуваат работни места, категории без работно искуство, односно со таа регулатива ќе им се овозможи на младите веднаш да имаат услови за вработување во националните установи.
„Поради големиот дефицит на стручен кадар, пратениците во Собранието поднесоа и Закон за измена на Законот за игрите на среќа, со што ќе ги стипендираме дефицитарните кадри. Со тоа студентите кои би биле стипендирани преку оваа програма, веднаш ќе можат да бидат вработени во некоја од националните установи од областа на културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази благодарност до студентите за иницијативата и порача дека таа како министерка и целата Влада продолжуваат посветено да работат на подобрување на студентскиот стандард и на програмите што обезбедуваат подобра иднина и остварување на правата и потребите на младите луѓе.
Претседателот на Универзитетското собрание, Александар Николовски, поздравувајќи ја професионалноста на министерката за култура и соработката со Министерството, истакна дека потпишувањето на Меморандумот е потврда на нивните заложби за поддршка на студентите во државава и дека оваа соработка придонесува за подобрување на студентскиот стандард, за поттикнување на критичкото размислување и за унапредување на културната, историската и уметничката свест кај младите.