Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите, за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката.
Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштитата на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици.
Денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство“, вели во честитката Костадиновска-Стојчевска.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е утврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ (ICOM – International Council Of Museums) со седиште во Париз.