На предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, Владата на Република Северна Македонија го прогласи Офицерскиот дом во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.
– Значењето и вредноста на овој објект конечно беа валоризирани минатата година, во мандaтот на оваа Влада, откако беше усвоена ревалоризацијата на предметното добро од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, а потоа и ревизијата на актот за ревалоризација што го изврши комисија формирана од Управата за заштита на културното наследство – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Офицерскиот дом изграден во 1912 година, претставува споменик на културата, а со овој највисок степен на заштита, трајно ќе биде зачуван овој редок архитектонски објект кој сам по себе говори за практикувањето на архитектура од јавен и монументален карактер кај нас во периодот на неговото настанување.
Реставрацијата на Офицерскиот дом е изведена во рамките на проектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот Регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом со партерно уредување“, за кој Општина Битола, за време на претходната локална власт, доби средства од европските ИПА- фондови.
Вкупната вредност е 58.792.610,00 денари, од кои Општината обезбеди над 5,8 милиони денари. Дополнително, од локалната самоуправа се вложени два милиона денари за атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа.
– Со содржините што почнаа да се одвиваат во овој магичен простор на Широк сокак, како генерација продолжуваме да ги негуваме и спомените за златното време на Битола, да го негуваме културно-историското значење на објектот, но и да создаваме нови уметнички вредности кои ќе остават траги за актуелниот културен и општествен живот на Битола и на целата држава – додаде министерката Костадиновска-Стојчевска.
Највисок режим на заштита подразбира: трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба; создавање поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво; ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација; оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.