– На овој празник на пишаниот збор меѓу две корици, обраќањето до вас го прифатив со огромна чест. До авторите преку издавачите и организаторите – примете ја мојата благодарност за овој полн поглед, за овој опоен и единствен мирис на книгата, за сите книги што ни ги направија поподносливи „социјалната дистанца“ и пандемичниот живот. И повторно, најдобрите хроничари и сведоци на овие тешки времиња ќе бидат токму книгите испишани од оние што умеат со зборот. Иако, и ним и на издавачите, КОВИД-19 им зададе сериозен удар, верувам дека со наша поддршка и помош заедно ќе се подигнеме и ќе се издигнеме – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа на отворањето на годинашното 34. издание на Саемот на книгата што се одржува во арената „Борис Трајковски“ до 9 мај.
Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што Министерството за култура, особено во последниве две години, го поддржа издавањето на многубројни наслови и публикации за деца.
– Новата технологија влезе како добар слуга во нашите животи. Но, таа не смее да стане наш господар. И да не забораваме. Дигитализацијата е одлична и корисна алатка, но таа не е оригиналот. „Во неизвесни времиња, мораме да ги негуваме и да ги браниме книгите како симболи на надеж и дијалог…“ , би додала – и да ги одбраниме за наше добро – нагласи Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето се обрати и извршната директорка на „Глобал медиа груп“ и организатор на Саемот, Даниела Глигоровска, која посака успешно издание на оваа манифестација и го нагласи значењето на Саемот на книгата во овој период по две години пандемија.
– Со книга може да ги победиме сите премрежиња. Треба да бидеме смирени и да продолжиме! Што ќе нè смири сега ако не, книгата? Ако не, идејата? Ова не е е само Саем на книгата, ова е пркос на сите обиди систематски да ни се подјаде духот! Ова е отпор кој ја брани цивилизацијата! – рече Глигоровска.
Присутните ги поздрави и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јакуловски, кој истакна дека ваквите настани се одлична прилика да нѐ потсетат да ја вратиме книгата во нашата секојдневна рутина затоа што времето поминато со книга секогаш е квалитетно искористено време.
– Знаете како, велат не можеш да купиш среќа со пари, но можеш да купиш книга, а тоа е приближно исто – рече ректорот Јанкуловски.
Македонскиот писател Петар Андоновски во својот кус говор се обрати, како што рече, и како писател, но и како читател.
– Отсекогаш сум верувал во моќта на книжевноста. Книжевноста нема да го промени светот, но може да го промени поединецот. Книжевноста е огледало на општеството. Затоа книжевноста треба да биде форма на отпор. Нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава. Ако една книга не промени ништо во нас, тогаш џабе сме го потрошиле времето на неа – додаде Андоновски.
Оваа година значајно претставување на Саемот на книгата има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам.
Али Одабаш, од Министерството за култура и туризам на Република Турција, истакна дека во турското Министерство има програма која се вика „ТЕДА“ и е присутна во 85 земји на 60 јазици. Одабаш потенцираше дека преку оваа програма досега имаат преведено 3 500 книги од турски на странски јазици и истакна дека и во Северна Македонија е дадена поддршка за речиси 200 книги.