Костадиновска-Стојчевска на „Илинденски денови“ во Битола: Aко има некој што не ја знае и не ја разбрал нашата историја, нека ја запее нашата песна, нека го изигра нашето оро – тие ќе му кажат сė

од admin_kult

– Добре дојдовте во мојот град, во нашата Битола, која во овие денови ќе биде дом на културните вредности, на фолклорното богатство што го поседуваме и го споделуваме со љубов кон своето и со уважување на туѓото.

Впрочем, „Илинденските денови“ се културното ехо на Манифестот од 1903 и универзалниот повик за слобода и за човечки правдини. Ние, Македонците, одамна ја дигнавме главата, но не за да покориме некого туку за да живееме во разбирање со секого. Нашата вековна мудрост нė научи дека оној што ни задал низок удар веќе доволно се наведнал пред нас и се понижил и пред историјата и пред фактите – рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, синоќа во Битола на отворањето на 52. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Како што кажа Костадиновска-Стојчевска, нашето срце, од колено на колено, бие во седумосмински такт зашто само така сме живи.

– Ние песна не украдовме, ние песна подаривме. Ние оро не позајмивме, ние на оро повикуваме. На овој бел свет, верувам, не постои човек кој барем не слушнал колку е и „проста и строга“ македонската песна, колку е длабока македонската музика, колку е страстен, а тежок чекорот во македонското оро. И оттаму велиме: ако има некој што не ја знае и не ја разбрал нашата историја, нека ја запее нашата песна, нека го изигра нашето оро – тие ќе му кажат сė – додаде Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој во своето обраќање ја поздрави публиката, како и сите претставници на, како што рече, светската фолклорна ризница.

– Музиката, фолклорот и игрите, иако универзална цивилизациска категорија и дел од светското културно наследство, во исто време претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и го развиваат националниот идентитет на секој народ. Со тоа, тие стануваат вистинските амбасадори на културното богатство на својот народ. А секој народ има нешто посебно со што се гордее и што му ја грее душата, нели? Секако и ние имаме вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги зачуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет – истакна Мисовски.

Од името на градот домаќин, учесниците и гостите ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а од името на организаторот на Фестивалот се обрати Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура – Битола.

Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ започна со македонското оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола.

Во пресрет на настапите на културно-уметничките друштва и фолкорните групи од државава и од странство, деновиве во Битола се реализира фестивалска претпрограма исполнета со изложби, работилници и, за првпат, Интернационален етнографски филмски фестивал.

Во рамките на богатата програма на Фестивалот, на 27 јули на античкиот локалитет Хераклеја концерт ќе одржат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ од Скопје и Влатко Стефановски.

Фестивалот свечено ќе биде затворен на 30 јули кога ќе бидат доделени признанија и награди.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе