Костадиновска-Стојчевска на брифинг со новинарите: Побогата програма во културата за 2024 година

од admin_kult

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска оствари предновогодишна средба со новинарите на која ја резимираше годинава што изминува и достигнувањата во својот ресор, а ги најави и поголемите активности за следната година.   

Таа ги брифираше новинарите за текот на одлучувањето во врска со Годишните конкурси, а информираше и за стратегиските и за нормативните акти во културата на кои темелно се работи. Некои од нив во јануари ќе бидат достапни на ЕНЕР и на јавна расправа, а се однесуваат на заштитата на културното наследство и Охридскиот Регион. Министерката повторно упати апел до претседателот на Комисијата за култура на Собранието, Кастриот Реџепи, да не се кочи натамошната постапка за донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик.

„Јазикот е заштитено нематеријално културно наследство“, рече министерката за култура и ги повтори придобивките од донесувањето на овој закон.  

„Овој закон ја унапредува примената на македонскиот јазик и во него е предвидено задолжително вработување лектор во секоја институција, задолжително лекторирање, што ќе биде привлечно и за нови работни места. Друга новина е воведување на работата на Инспекторатот, област во која има одредби што се усогласени со новиот Кривичен законик. Овој закон ќе овозможи одредени измени во Законот за основно, средно и високо образование“, посочи министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска спомна дел од големите проекти од изминатава година во која се финализираше административниот процес и во јануари почнува реновирањето на старото училиште во Љубојно. Потоа ја истакна успешната работа и оправданоста на формирањето на новите установи, како Камерниот оркестар – Битола и Џез-оркестарот, за кои се обезбедени услови за работа.

Интересот на новинарите беше насочен и кон примопредавањето на Универзалната сала, за што министерката рече дека вчера Град Скопје ја предал документацијата на Министерството за култура и реновирањето може да почне. Планираниот рок за завршување е три години.

Костадиновска-Стојчевска најави конзервација на иконите од првата реституција во државава и почнување постапка за враќање на преостанатите украдени македонски икони од Албанија.

Министерката за култура искажа благодарност до медиумите за интересот што го имаат за темите од областа на културата, со кој  го задржуваат вниманието на јавноста и ја прават културата поблиска до граѓаните.  „Се радувам за видливите  резултати во сите дејности, богатството и разновидноста на уметнички содржини, инвестициите во инфраструктурата, кои во 2024 година ќе бидат уште поатрактивни за граѓаните и за корисниците, а ќе продолжат да бидат актуелни и привлечни за 7-та светска сила“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе