Костадиновска-Стојчевска: Министерството за култура има уредна документација и останува инвеститор на Универзалната сала

од admin_kult

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, со цел прецизно и транспарентно информирање на јавноста, на денешната прес-конференција, со аргументи и документи ги демантираше вчерашните изјави и обвинувања од страна на градоначалничката Данела Арсовска, а поврзани со пожарот и реконструкцијата на Универзалната сала.

„Упад во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое Градот и државата ја водеа оние што ја направија неа градоначалник. Нејзините од ВМРО-ДПМНЕ. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститор, како што налага Договорот склучен со Град Скопје“, рече министерката за култура, која изјавата ја аргументираше со документ од Бирото за јавни набавки.

Во насока на споделување на вистината и елиминирање на манипулирањето со чувствата на граѓаните кои ѝ дале доверба на Арсовска, министерката за култура објасни дека по склучувањето на Договорот за промена на инвеститор, Министерството за култура, како нов инвеститор, ги презеде сите обврски и права што се однесуваат на реконструкција на Салата.

„Договорот за изведба не беше завршен и како таков, од Бирото за јавни набавки имаме мислење дека треба да го преземеме, во согласност со членовите 3 и 4 од Договорот склучен со Град Скопје за промена на инвеститор, а дополнително спрема Договорот што го презедовме со изведувачот имаме облигации по основ на реконструкција на првата фаза од Универзална сала“, аргументираше министерката за култура.  

„Симптоматично е како за Арсовска стана проектот небезбеден кога досега потпишала неколку документи за почеток на негова реализација. Истиот тој проект кој Арсовска го спори и тврди дека е фалсификат беше испратен преку Системот за добивање градежна дозвола до Градот за пресметка на комуналии, Градот изготви таква пресметка, а Министерството за култура ја плати, за што имаме и потпишан Договор за комуналии.  Таа се потпишувала на документи низ овие постапки и ја потврдувала со тоа безбедноста“, повторно со аргумет изјави Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека Арсовска дополнително го оштетила буџетот за реконструкција на Салата со 20 милиони денари, или 330 илјади евра, пари на граѓаните, поради нејзин личен каприц и желба да не се изгради.

„Арсовска, поради одлагањето на реконструкцијата, изгуби судски спор и го оштети буџетот на граѓаните наменет за реконструкцијата“, додаде министерката, објаснувајќи дека градоначалничката ги има потпишувано документите во процесот на реконструкција.

Mинистерката за култура додаде дека Арсовска би требало да знае и дека проектот што таа го оспорува има добиено позитивни мислења од сите институции и ревиденти, како и од ИЗИИС, кој го оцени проектот како безбеден и притоа тие документи и мислења се обезбедени од Град Скопје, а не од Министерството.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека до институцијата има стигнато допис од Градот со кој се бара раскинување на Договорот, но таа објасни дека сите одлуки што се поврзани со имотот на Град Скопје се одлуки што ги носи Советот, односно советниците, а не лично на градоначалничката. „Во таа насока, нејзиното барање за еднострано раскинување на Договорот, кое вчера пристигна до мојот Кабинет, не може да има никакво правно дејство бидејќи треба да биде донесено од страна на Советот на Град Скопје“, рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека според Договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски во врска со реконструкција (чл. 6), Министерството има обврска да го информира Градот Скопје за текот на активностите. Тие извештаи се квартални, а првиот, сметано од денот на преземањето, треба да биде испратен во текот на оваа недела и ќе биде.

Министерката за култура рече дека обвинувањата на лична основа не се тема за јавна расправа и додаде: „Инсинуирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози изјавени на вчерашниот прес, во следните денови ќе бидат предмет пред судските инстанци, па ќе има можност подетално да објасни за изнесените тврдења за мене поврзани со Универзална сала“.

Костадиновска-Стојчевска порача дека нема да дозволи Универзална сала да се користи за дневнополитички цели ниту, пак, да биде тема во изборната кампања на Арсовска.

Затоа, таа им порача на оние што ја имаа Универзална сала во свое владение со готов проект и обезбедени пари од страна на Владата, а немаа капацитет да направат ништо, дека реконструкцијата на Универзална сала продолжува и ќе биде готова во предвидениот рок, а Министерството за култура останува инвеститор.

Линк од прес-конференцијата на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска:

https://we.tl/t-96FJhDiENt

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе