Неодамнешното разрешување на директорката на Филхармонијата и на целиот Управен одбор наиде на реакции, на кои свој одговор даде министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во Владата на РС Македонија.
Министерката рече дека Филхармонијата е една од националните установи во која се слева највисок буџет од граѓаните на државава преку Министерството за култура. Институција, која има огромна поддршка и на која ѝ се намирени сите трошоци, програмски и материјални, и која има своја посебна сметка што ја полни по разни основи.
„Одбивам да бидам квалификувана како министерка која врши политички прогон или каков било притисок, или дека сум настапила против раководно лице кое застанало на страната на колективот, како што беше речено во реакциите. Мило ми е што поранешната директорка е заедно со вработените, но на ниедна национална институција што се финансира од државниот буџет нема да ѝ дозволам да располага со имотот и со средствата без почитување на правилниците и соодветни одлуки“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, која потоа наброја неколку примери од Извештајот на работната група од Министерството за култура, во кој се наведени пропусти во работењето на поранешната директорка и на Управниот одбор.
Комисијата од Министерството за култура изврши увид во Филхармонијата за проверка на документацијата поврзана со издавање на салата на ден 7.5.2023 година за настанот Конвенција на жени и на документацијата поврзана со издавање на просторот под закуп на „Бистро Бока“.
Министерката за култура посочи дека за првиот случај е увидено дека не се исполнети обврските од членовите 3, 7, 8 и 9 од Договорот, според кои се предвидени обврски за договорните страни за доставување списоци и записници, кои треба да бидат дел од договорната документација, a кои не беа презентирани на Комисијата.
„И во Извештајот на Државниот инспекторат за труд е констатирано дека не е почитуван Правилникот за ангажирање вработени лица при изнајмување на просторот. Па така, ангажираните не кореспондираат со утврдениот потребен персонал предвиден во член 5 став 3 од Договорот. Со вака предвидената одредба од Договорот, за ангажирање персонал од страна на организаторот да ракува и да управува со опремата на установата која е во државна сопственост, се овозможува евентуално нестручно и несовесно ракување и можност за оштетување на опремата“, објасни министерката Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека за овој настан не е поднесено барање за изнајмување, а и не е наплатена казнена камата за задоцнета наплата на фактурата, со што директно се оштетува Буџетот на државата, а со неангажирање професионални лица за управување со скапата опрема, се покажува несовесно однесување кон имотот на институцијата.
Во однос на издавањето на просторот на бифето на „Бистро Бока“, не е испочитувана одлуката со која е определена квадратурата што смее да се изнајмува, како и тоа што со разни одлуки околу плаќањето на закупот, закупецот е доведен во правна заблуда околу плаќањето на кириите.
„Во врска со предвреме раскинатиот договор со Бистро Бока, констатирано е дека Управниот одбор нема донесено одлука за раскинување на договорот, што е повторно на директна штета на Буџетот“, рече министерката за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, осврнувајќи се на изјавата на социјалните медиуми на поранешната директорка на Филхармонијата дека имало повеќепати инспекции во установата, на прес-конференцијата рече дека е тоа точно.
„Точно е дека повеќепати имавме инспекции. Тие уследија по пријави до Министерството за култура за извесни неправилности во работењето. Имавме укажувања дека имало институции кои го уништиле угледот на Установата. Но, ние никако не наоѓаме записници за евентуални договори со такви институции. Не можеме да најдеме записник ниту за настанот на 7 мај, и затоа јас, како министерка, поднесов барање за информација од јавен карактер до Филхармонијата за да ги добијам записниците. Кога ќе ја добијам информацијата, ќе излеземе сите јавно и се надевам сите, вклучувајќи ме и мене, ќе пресудиме кој на кого треба да се извини. Тогаш ќе одговориме кој е вистинскиот мотив за нивните реакции и за сè што беше изнесувано во минатото – дека јас сум правела каков било политички притисок врз поранешната директорка“, изјави министерката за култура.
На крајот министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека според сите увиди и извештаи, од Министерството за култура и од Државниот инспекторат за труд, директорката на Филхармонијата е разрешена поради несовесно раководење со Националната установа, ненавремено и несовесно извршување на работните задачи во насока на заштита на јавниот интерес и јавните средства.