Костадиновска-Стојчевска: Измените на Законот за игри на среќа се влог во стручен кадар во културата

од admin_kult

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување во „Слободен печат“ повика да се изгласаат што поскоро блокираните закони во Собранието – Законот за употребата на македонски јазик и измените на Законот за игри на среќа – за кои рече дека се од јавен и национален интерес.

„Имаме одреден застој, дали поради носење на некои други законски решенија или нешто друго, но се надевам дека за многу брзо време претседателот на Собранието ќе ја закаже Комисијата за култура каде што ќе преминеме на второ читање на Законот“, додаде министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека се позитивни измените на Законот за игри на среќа, со кои се предвидува стипендирање на дефицитарните кадри во културата, а тоа, според Костадиновска-Стојчевска, е добра основа за надополнување на стручниот кадар за заштита на културното наследство.

„Кога ги планиравме измените на Законот, се водевме од два сегмента, стручноста на човечкиот кадар и фонд со кој ќе можат непречено да работат. Само така повторно ќе ја вратиме атрактивноста на овие професии бидејќи тие се повеќе од професии – тие се главните чувари на идентитетот, историјата, уметноста, обичаите на еден народ“, рече Костадиновска-Стојчевска, укажувајќи дека е алармантно што во матичната институција за зачувување на идентитетот, Музејот на Северна Македонија, се преостанати само двајца конзерватори.

Министерката напомна дека во последниве 15 години воопшто не се вршело вработување на стручен кадар, особено во заштитата на културното наследство.

„Сето ова беше дополнителен мотив да побараме основање на дополнителен фонд за заштита на културно наследство. Изобилуваме со културно наследство кое треба да се одржува и треба да смислиме начин за тој процес да го направиме поодржлив отколку што е сега“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Костадиновска-Стојчевска објасни декаова ќе биде уредено со соработка меѓу Министерството за култура, Министерството за образование и наука и културните установи, кои ќе го договорот бројот на студенти во дефицитарните струки, кои се осум, што ќе се стипендираат од фондот од игрите на среќа, а со тоа студентите од овие студиски програми точно ќе знаат каде ќе го продолжат својот професионален ангажман по завршувањето на студиите.

На прашањето што се случува со Универзалната сала и дали има некаков напредок во преговорите со Град Скопје, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека Универзалната сала сѐ уште е под владение на Град Скопје затоа што Одлуката на Советот на Град Скопје, што беше донесена пред повеќе од два месеца, со која Градот го пренесува правото да се даде Универзална сала на Министерството за култура, сѐ до нејзината реконструкција, не е во сила.

Апелирајќи да не се одолжува постапката и да се води без политички калкулации и без какви било пречки кои би го продолжиле застојот на реконструкцијата на Универзална сала, министерката потенцираше дека треба да се реши веднаш бидејќи е крај на година и дека се влегува во предизборен период.

„Не заборавајте дека таа веќе подолго време е отворена и започнати се некои физички процеси кои дополнително влијаат врз нејзината состојба. Јас се надевам дека Град Скопје ќе го прифати она што го понудивме, дека сакаме да биде испочитувана Одлуката донесена од Советот, а не варијантите што беа понудени со воведување трета страна“, заклучи министерката за култура Костадиновска-Стојчевска на гостувањето во „Слободен печат“.

https://we.tl/t-zOusiAkY0H

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе