– Заедно со Албанија изготвивме Извештај со сите позитивни и негативни аспекти за Охридскиот Регион, кој во февруари беше поднесен до УНЕСКО и сега го чекаме одговорот – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вчерашното гостување во дебатната емисија Објектив на МРТ1.
– Морам да кажам дека тимот што работеше на Извештајот ја нотира реалната состојба, каква што е на терен, особено за Охридскиот Регион, во општините Охрид, Струга и Дебрца, односно според сите добиени информации до денот кога Извештајот требаше да се прати. Не би сакала да оценувам дали имавме премногу или премалку да се пофалиме бидејќи не зборуваме за работа којашто има крај. Ова е еден постојан процес кој што никогаш нема да застане бидејќи грижата за светското природно и културно наследство е уставно запишана категорија и никогаш нема да ѝ помине важноста – рече министерката.
Таа додаде дека не се работи за немоќ на Владата туку за недоволно исполнување на ингеренциите од страна на локалната власт.
– Општините Охрид и Дебрца доставија до Владата податоци со инвентар на бесправно изградени објекти додека, пак, Општина Струга нема поднесено таков документ, а тоа се должи на неуспешните обиди на општините да дејствуваат на микрониво. Тоа ни се случува со хотелот Лагадин – дали ќе се легализира, ќе се гради или не итн. Она што ние го добивме како податок од Министерството за транспорт и врски, е дека Општина Струга од 2005 г. нема активен детален урбанистички план, односно го нема обновено, додека пак Општина Охрид има нешто поново решение, што значи дека доколку тие општини не успеале да најдат економски оператор за изработка на детални урбанистички планови односно не можеле ни да ја започнат таа постапка, можеби тогаш треба да се вмеша и државата – појаснува министерката.
Според Костадиновска-Стојчевска, од состаноците со Владата произлегла идејата доколку општините имаат потешкотии во наоѓање стручни лица што би им помогнале во таа насока, тогаш државата со своите институции, како Министерството за животна средина, Агенцијата за просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, би им помогнала во тој аспект.
–Ние двапати се обидовме да се поднесе Закон за легализирање на дивоградбите и двапати Законот беше повлечен за натамошна доработка. Морам да кажам и дека недостига информација за тоа што значи УНЕСКО за една држава. Ние имавме инсинуација од еден градоначалник на општина кој рече дека ќе излезе на референдум и ќе ги праша граѓаните дали тие сакаат уште да бидат уште заштитени под УНЕСКО или не. Токму тогаш се вклучи алармот, бидејќи УНЕСКО не значи мораториум на градби во овој регион туку тој регион да се развива на правилен начин – појасни таа.
Министерката рече дека за десетина дена треба да започне изработка на нов закон за старото градско јадро на Охрид. Министерството за култура од друга страна увиде, пак, дека Законот за управување со светското културно и природно наследство на Охридскиот Регион, донесен во 2010 година, до 2017 воопшто не се почитувал.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека мора да има одговорност. Не значи дека ако Општина Струга не поднесла извештај за дивоградби, не може да се побара независно одлучување како што беше случајот со хотелот „Палас“, за кој е побарано УНЕСКО да испрати советодавна комисија која стриктно ќе одговора на прашањето за хотелот „Палас“.
–Ние имаме механизам за да направиме еден инвентар меѓутоа не е целта да се скараме со градоначалникот на Општина Струга или еве за последниов случај со хотелот Лагадин каде што Општина Охрид има аргументи службено да го поништи одобрението за градба, тогаш веќе второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски ќе немаше потреба да одлучува по ниеден предмет. Бидејќи тоа не се случи Министерството за транспорт и врски односно второстепената комисија ја донесе одлуката што ја донесе, но имаме уште правни механизми и нема тука да застанеме, а и јас како претседателка туку, и целата Национална комисија, се дури не ги исцрпиме сите правни механизми – рече таа.
Токму затоа додаде министерката за култура, важно е да се учествува на проекти и разни повици не само за заштита на овие подрачја туку и за подигање на јавната свест преку јавни кампањи од канцелариите на УНЕСКО, ЕУ делегацијата, како и од самата организација УНЕСКО кои што нудат фондови не само на организации и на поединци на невладини организации токму за да се зголеми целта дека има фондови дека треба да направиме една пропаганда што значи УНЕСКО.
-Ставањето на листата за културно наследство во опасност, за нас како држава и како институции ќе значи пред се многу поголем мониторинг на сето она што го работиме и поголем пристап до фондовите кои би можеле да ги користиме. Јас сеуште сум оптимист за тоа што ќе се случи во септември но, ако бидеме ставени на таа листа како некои градови како Виена ако не се лажам, кој по исполнувњето на одредени препораки повторно беше вратен и тоа неколку места погоре, така да можеби ако во септември тоа е крајниот резултат можеби тоа ќе придонесе конечно ќе се освестиме и да бидеме поажурни во работата- додаде министерката.