Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Во фокусот на средбата беше новиот Договор за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција, кој од името на двете влади го потпишаа министрите Костадиновска-Стојчевска и Ерсој.
„Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција се одвиваат во духот на традиционалното пријателство и партнерство и во таа смисла, Договорот кој денеска го потпишавме со сигурност ќе ги продлабочи и онака добрите културни врски меѓу институциите од двете држави, ќе ја стимулира размената на авторите, репродуктивните уметници и ансамблите, ќе го поттикне користењето на ресурсите што се поседуваат, ќе го зајцврсти партнерскиот однос на институциите од државите и нивната соработка со меѓународните организации“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Двајцата министри, изразувајќи го задоволството од досегашната соработка, изразија подготвеност таа да продолжи преку реализација на уште многу нови иницијативи и проекти со кои ќе се интензивира соработката во делот на културата.
„Задоволни сме од досегашната соработка на уметниците, институциите и здруженијата од културата, од двете земји, особено во литературната, фолклорната и драмската дејност. Уверена сум дека со денешното потпишување на новиот Договор за културна соработка, ќе овозможиме уште побогата институционална соработка, реципрочно користење на капацитетите на институциите, заеднички проекти и иницијативи“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура на средбата нагласи дека Република Северна Македонија обрнува големо внимание на реализацијата на проекти со кои се унапредуваа дејствувањето на турската заедница во државава.
Костадиновска-Стојчевска изрази уверување и дека наскоро ќе се изнајде решение и за проектот за реставрација и адаптација на објектот Куршумли ан, за активностите на културниот центар „Јунус Емре“ и изрази уверување дека со поддршка од министерот Ерсој, наскоро ќе почне реставрацијата на објектот.
Костадиновска-Стојчевска, поздравувајќи го завршувањето на проектот за реставрација и конзервација на Султан-муратовата џамија во Скопје, ја истакна и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА со која досега се реализирани повеќе проекти од областа на заштитата на културните знаменитости, со посебен акцент на спомениците од османлискиот период.
Министрите Костадиновска-Стојчевска и Ерсој ја потенцираа и одличната соработка меѓу Националните комисии за УНЕСКО бидејќи со заеднички заложби се придонесува за промоција на традиционалните вредности кои се дел од светското кулурно наследство.
Двајцата соговорници изразија уверување дека успешната соработка и планираните активности во областа на културата ќе продолжат со истиот интензитет и поддршка од двете страни.
Потпишувањето на Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција може да го проследите на следниот ЛИНК