Костадиновска-Стојчевска: Го преземаме правото за реконструкција на Универзалната сала од Град Скопје

од admin_kult

На денешната владина седница беше разгледана и усвоена информацијата за пренесување на правото за реконструкција, доградба и надградба на објектот Универзална сала од Град Скопје на Министерството за култура. 

Владата ја задолжи министерката за култура Костадиновска-Стојчевска да го склучи доставениот текст на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу договорните страни, кој претходно беше усогласуван за исклучиво пренесување на правото на реконструкција, во насока на промена на инвеститор, во согласност со  Одлуката донесена од советниците во Град Скопје.

„Министерството за култура го презема правото за реконструкција на Универзална сала. Ги повикувам надлежните од Град Скопје веднаш да ја достават целокупната документација до Министерството за реконструкцијата да продолжи што поскоро“, порача на својот фејсбук-профил министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

По серија иницијативи преземени од страна на Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска посочува дека успешно е постигнат договор со Град Скопје во согласност со Одлуката на Советот на Град Скопје, кој, како што вели таа, „претставува вистинскиот правилен пат да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала“.

Со промената на локалната власт, веќе две години градежните активности на Универзална сала се прекинати, а Министерството за култура долго време чекаше локалните власти да ја спроведат донесената Одлука на Советот на Град Скопје.

„Министерството за култура станува инвеститор на Универзална сала и очекувам веднаш да ја добиеме целокупната документација од Град Скопје заради започнување со подготовка на проектно-техничката и финансиската документација за реконструкцијата на салата. Културата не смее веќе да чека“, напиша на министерката за култура на својот фејсбук-профил.

По склучувањето на договорот и по враќањето на расположливите финансиски средства од наменската сметка на Град Скопје за реконструкција на објектот на Универзална сала во износ од 67 милиони денари на сметка во буџетот на Република Северна Македонија, средствата да се прераспределат на расходна ставка во разделот на Министерството за култура, како дополнување на постојните 30 милиони денари што се планираат за оваа намена во буџетот на Министерството за култура за 2024 година.

Дополнително Министерството за финансии е задолжено да обезбеди финансиски средства и согласност за преземање обврски на буџетски корисници за следните три години (2024, 2025 и 2026 година).

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе