„Активностите на црквата св. Ѓорѓи во с. Курбиново, во изминатиот период се интензивирани, со тоа што покрај работите за конзервација на архитектурата, проект кој е започнат минатата година, а треба да заврши до крајот на оваа година, се одвиваат и конзерваторски истражувања на ѕидното сликарство“, информираат од Завод и Музеј Битола. Од таму појаснуваат дека конзерваторските зафати на архитектурата годинава продолжија со инјектирање на ѕидините маси во внатрешниот дел на објектот, а во моментот се одвиваат работи на покривната конструкција.
„По остранувањето на постоечката покривна конструкција ќе се пристапи кон зафати и поставување на нова покривна конструкција, онака како што е предвидено со одобрениот конзерваторски проект“, додаваат од надлежната установа.
Стручните служби на Завод и Музеј Битола информираат дека на истражувањата за подготовка на проектот за конзервација на ѕидното сликарство се работи во партнерство со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, кои што обезбедија соодветна современа технологија, за најголем дел од истражувања кои се одвиваат во црквата.
„Добиените резултати од новите истражувања, како и дел од резултатите од претходните конзерваторски истражувања треба да дадат сознанија за претходните и актуелни состојби на споменикот и да дадат насоки за предложените конзерваторски мерки и методи кои ќе бидат дел од Конзерваторскиот проект за ѕидното сликарство“, нагласуваат од таму и додаваат дека по сублимирање на сите материјали и конципирање на овој конзерваторскиот проект истиот ќе биде пратен на стручна контрола и закружување на потребните административни постапки, по што уште годинава ќе се започне со првата фаза од конзервацијата на ѕидното сликарство.