Камерниот оркестар на Битола одржа спектакуларен концерт во Скопје, министерката за култура дел од присутните гости

од admin_kult

Во Националната опера и балет во Скопје, Камерниот оркестар на Битола одржа спектакуларен концерт со евергрини, именуван „MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits!“, а министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со другите присутни, уживаше во звуците на безвременските хитови.

Сите се сеќаваме на деновите кога MTV беше прозорец кон еден нов, и бескраен свет на музика и емоции. Во тие времиња, секој акорд, секој стих носеше во себе честичка од младоста и од енергијата што ги одбележа тие децении.

Имајќи ја предвид важноста на музиката од тој период, Камерниот оркестар на Битола го подготви спектакуларниот проект „MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits“, кој за првпат беше изведен во Центарот за култура – Битола на 14 септември 2023 година, а билетите за концертот беа распродадени за само три часа. Прекрасните звуци од најголемите хитови од 80-тите и 90-тите оживеаја на сцената благодарејќи на Камерниот оркестар на Битола, пренесувајќи ја магијата на тие времиња. „MTV 80’s & 90’s“ не беше само музички период, тоа беше ера што ја дефинира иднината.

По воодушевувачкиот концерт што се одржа во полната сала на Центарот за култура – Битола, Камерниот оркестар на Битола одлучи овојпат скопската публика да ужива во нивните изведби.

Со над 100 учесници – вклучувајќи 10 изведувачи (домашни и странски), оркестар во полн состав, поп, рок, хор и балетски играчи при Националната опера и балет – присутните имаа можност да уживаат во најголемите хитови на безвременските: Тина Тарнер, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Шер, Аеросмит, Рики Мартин, Алана Мајлс, Чака Кан, Мадона и многу други.

„Секогаш сум пресреќна кога се случуваат културни настани во земјава, а особено ме радува интересот на нашите граѓани за она што имаат да го покажат нашите изведувачи. И овој концерт е потврда за квалитетот на нашите артисти и негувањето на културата на наше тло. Се надевам дека и во иднина, како и досега, Камерниот оркестар на Битола ќе доживува огромни успеси во државава, но и надвор од границите“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска по завршувањето на концертот.

Концертот на Камерниот оркестар на Битола, „MTV 80’s & 90’s The Greatest Hits!“, беше поздравен со овации од страна на присутните.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе