ИН МЕМОРИЈАМ: Почина писателот, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски

од admin_kult

Во Скопје на 71 годишна возраст почина македонскиот писател, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски.

Драги Михајловски со своето творештво ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература; со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англосаксонската јазична сфера на македонски јазик; а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на Универзитетот.

– Денеска загубивме човек кој даде неизмерен придонес во афирмацијата на нашето книжевно творештво и на културата воопшто. Драги Михајловски беше творец на еден чуден и само нему својствен свет, честопати тешко разбирлив, но, сепак, посебен. И кога ќе замине таков човек, тој не заминува засекогаш бидејќи зад него останува неизбришлива трага – неговите дела.  Благодарејќи на неговиот исклучителен ангажман во преведувањето, особено на делата од Шекспир, тој го збогати македонскиот јазик, а нашата култура стана побогата за светските книжевни вредности кои со својата универзална димензија ќе останат како значајно обележје на една епоха – стои во телеграмата со сочувство од министерката за култура Бисера-Костадиновска Стојчевска.

Михајловски е роден во Битола на 16.10.1951 година. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, како и на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир од Вашингтон, САД.

Автор е на збирките раскази: „Речно улиште“, „ Ѓон“, „Скок со стап“, „Триполската капија“,  „Раскази од шести кат“, „Пеперуткарот“; на збирката новели и раскази „Глинениот човек“, „Раскази и споредбени коментари“ и на уникатната комбинација од раскази и драми „Патот за рајот“. Исто така, Михајловски ги има објавено и следниве романи: „Пророкот од Дискантрија“, „Смртта на дијакот“, „Мојот Скендербеј“, „Бајазит и Оливера“, „Должници“, „Швајцарија на Балканите“ и „Бдеењето на Одисеј“. Михајловски има објавено и две книги за деца: „Волшебното котле и други бајки“ и „Сиромавиот и чучурлигата“, како и две студии од областа на преведувањето: „Нераспнати богови“ и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“. Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и на други јазици .

Од англиски на македонски јазик има преведено над 110 000 стихови, меѓу кои: 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Загубениот рај“ од Милтон, „Беовулф“ од непознат автор, како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И. Б. Вајт, Стојан Христов и поезија од Т. С. Елиот, В. Б Јејтс, П. Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Б. Брејтенбах и др.

Добитник е на „Рациновото признание“ за книгата раскази „Скок со стап“, и два пати на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот „Смртта на дијакот“ (2002) и за романот „Мојот Скендербеј“ (2006).

 Михајловски ги има добиено сите награди за книжевни преведувачи во Македонија, а добитник е и на наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе