ИН МЕМОРИЈАМ: Почина маестро Фимчо Муратовски

од admin_kult

Вчера, на 91-годишна возраст, почина маестро Фимчо Муратовски, еден од основоположниците на диригентската уметност во земјава. 

Министерката   за   култура   Бисера Костадиновска-Стојчевска   упати   телеграма   со сочувство до семејството на Фимчо Муратовски.

„Маестро Муратовски,  со  својот професионализам, беше еден од оние што поставуваа стандарди како на музичката сцена така и во севкупниот културен живот на нашите простори. Ќе го паметиме како енергична личност, културен работник кој целиот свој живот неуморно, со посебна емоција и жар, ѝ беше приврзан на македонската култура.

Посветувајќи го својот живот на уметноста на начин како што само тој знаеше, Муратовски нѐ потсетува дека некои приказни немаат крај и обврзуваат секогаш да ја откриваме, учиме и да ја негуваме музичката култура“, се вели во телеграмата со сочувство.

Фимчо Муратовски е еден од доајените на македонската музичка, оперска и балетска сцена, со повеќе од 40 години уметничка дејност.

Музичкото образование го оформува на Музичката академија во Загреб, а потоа престојува на едногодишен специјализациски престој на Конзерваториумот во Санкт Петербург. Од 1959 година постојано е ангажиран, најпрво во Операта и балетот на Македонскиот народен театар, потоа како диригент и директор на Македонската филхармонија, за својот работен век да го заврши како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, чиј декан бил два мандата.

Во текот на својата уметничка дејност поставил и диригирал повеќе од 40 оперски и балетски дела од класичниот, современиот и домашниот репертоар, а на концертниот подиум реализирал голем број симфониски и камерни дела со посебен акцент кон домашното творештво, кое со посебен афинитет го пропагирал низ многубројните гостувања во поранешна Југославија, Полска, Германија, Италија, Бугарија, Романија, поранешните советски републики, Мексико и др.

Бил основач и диригент на Младинскиот и на Македонскиот камерен оркестар, и диригент и уметнички раководител на Камерниот оркестар на МРТВ. Во текот на својата образовна дејност како професор, пренесувајќи го своето богато уметничко искуство, воспитал генерации млади диригенти, пејачи и оркестарски музичари кои и ден-денес успешно работат во земјава и во странство.

За својата професионална и општествена дејност, Фимчо Муратовски е добитник на државната награда „11 Октомври“, како и на наградата на Сојузот на композиторите на Македонија „Ѓеорѓи Божиков“, наградата за животно дело на Здружението на музичко-балетски педагози и др.

Комеморацијата по повод смртта на Фимчо Муратовски ќе се одржи в четврток, 15 септември, во 12 часот во Малата сала на Филхармонијата.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе