Во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска (12 часот) ќе биде поставена изложбата „Ротации“ од прилепскиот уметник Кристијан Јованоски. На Јованоски, ова му е прва самостојна изложба по дипломирањето.
Авторот Кристијан Јованоски појаснува дека станува збор за проект што поврзува неколку дела од 2018, 2019 и 2020 година.
„Како што и самиот наслов зборува сам за себе, визуелни прикази на едно т.н. патување и белег на искуства прикажани во простор. Станува збор за инсталација составена од слики, цртежи, и објекти. Цртежот е основата по која почнав да ги гледам, проучувам и осознавам деталите во светот кој го живееме, кои за мене се релевантни во креирањето, а со тоа и живеењето“, додава Јованоски.