Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечер (20 октомври) ќе биде отворена изложба на скулптури од авторот Ненад Тонкин. Се работи за најновата продукција од 8 скулптури работени со комбинирани материјали.
Ненад Тонкин е воспитувач во градинка и академски скулптор. Неговата магистерска теза од областа на скулптурата го истражува и го анализира уметничкиот предизвик при создавање скулптури инспирирани од цртежи на деца од градинка. Одржал и креирал неколку детски ликовни работилници. Дизајнира сценографија за театар. Изработува скулптури исклучиво со употреба на рециклирани материјали и најдени готови предмети. Насликал неколку мурали со поголеми димензии. Реализирал повеќе самостојни и групни ликовни изложби во земјава и во странство. Автор е на музика за неколку театарски претстави. Компонира и издава своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem. Бил член на музичката група „Bei the Fish“. Роден е и живее во Скопје.
За својата најнова изложба, Тонкин запиша:
„…АКТ е изложба на скулптури, со мал и голем формат, кои се дел од различни циклуси изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концепт ги спојува една главна карактеристика, тоа е фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и ready-made/ready-found објекти“.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 3.11.2022 година.