Изложбата „Мал формат“, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), а под покровителство на Министерството за култура, ќе биде отворена вечер во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје, салон Империјал 1.
На изложбата учествуваат 40 уметници со 55 дела во техниките: сликарство, скулптура, графика, цртеж, колаж, објекти, нови медиуми. Изложбата ќе биде отворена до 12 ноември годинава, а вечер ДЛУМ ќе додели една награда за Мал формат.
– Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на ликовните уметници. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 см претставува искушение и за најголемите мајстори на визуелната уметност. Чувството на внатрешниот порив да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големите форми во помалата мерка – истакнуваат од ДЛУМ.