Во Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин “ во Кичево вечер ќе биде отворена изложбата на македонскиот уметник Филип Фидановски посветена на големиот шпански уметник Пабло Пикасо.
„Со оваа изложба му се оддава почит на Пабло Пикасо, кој повеќепати е опишуван како најдобар и најрепрезентативен уметник на 20 век, од раката на Филип Фидановски, чија кариера во голема мера е посветена на реинтерпретација на делата на уметникот од Малага, кој преку различни формати и материјали ги реализира на свој единствен начин“, информираат од Амбасадата на Кралството Шпанија, кои дадоа поддршка на оваа изложба што се организира по повод 140-годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо. Оттаму додаваат дека Амбасадата на Кралството Шпанија, покрај промоцијата на шпанските уметници, ги поддржува и македонските уметници кои водат дијалог со креациите на Шпанија и ја негуваат културната соработка меѓу двете земји.
На изложбата „Пикасо можеби јас“ ќе бидат прикажани 10 скулптури (портрети) од керамика. Покрај делата на Фидановски, скулптурите во форма на легенди, ќе бидат претставени и репродукции на оригиналните дела на Пикасо, во кои македонскиот уметник црпи инспирација за секое свое дело. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 4 ноември.