Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија, утре (24 февруари) ќе биде отворена изложбата „Моите мисли“ на младиот унгарско-бугарски ликовен уметник Адам Фекете.
Од КИЦ ‒ Софија информираат дека изложбата е составена од дваесетина дела што не се изложувани досега, а се изработени во последните 3 години, и додаваат дека посетителите утре може да се сретнат со авторот меѓу 16:00 и 19:00 часот.
„Авторот се инспирирал од времето во кое живееме. Ликови, чувства и мисли, сето она што нѐ опкружува, шарениот свет на нашето време – покрај сѐ, инспирациите ги следат мислите и го наоѓаат своето решение врз платното. Во колористичниот дијапазон, смелоста и прекршената реалност во апстрактните сликарски и графички дела на младиот уметник ја пронаоѓаме слободата“, појаснуваат од КИЦ ‒ Софија. Адам Фекете, кој е студент по сликарство на Софискиот универзитет, досега реализирал 18 самостојни изложби во Бугарија, Унгарија и во Белгија.