Во текот на мај, јуни и јули е извршен мониторинг на состојбата на вкупно 253 православни сакрални објекти (цркви и манастири) во осумте епархии на МПЦ – ОА што се наоѓаат на територијата на државава, во рамките на проектот „Мониторинг на православното културно наследство“ спроведуван од страна на ИКОМОС Македонија, во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
– Во Скопската и во Повардарската епархија е извршен увид на вкупно 48 православни добра, во Дебарско-кичевската епархија на 71, во Преспанско-пелагониската епархија е извршен увид на 46 православни објекти, во Тетовско-гостиварската и во Кумановско-осоговската епархија на 50, а во Струмичката и во Брегалничката епархија е извршен увид на состојбата на 38 православни објекти – се наведува во соопштението од ИКОМОС Македонија.
Мониторингот на состојбата, спроведуван од страна на пет стручни тимови од ИКОМОС Македонија, се одвива континуирано и непречено во текот на летните месеци благодарејќи и на срдечната соработка со надлежните лица од епархиите на МПЦ – ОА и со локалното население во посетените општини. Во рамките на овој двегодишен проект, предвидено е да биде направен увид на состојбата на вкупно 700 православни сакрални објекти, кој ќе послужи за изработка на специјализирана база на податоци која ќе биде достапна за јавноста и за давање препораки за превентивни и заштитни конзерваторски интервенции за невижното православно културно наследство.
– Специјализираната база на податоци ќе биде достапна онлајн и ќе содржи информации во однос на опфатените православни објекти, како: основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба, претходни интервенции на доброто, зачуваност на изворната состојба/автентичност и интегритет и препораки за заштитни интервенции, кои ќе му користат на секој познавач или љубител на православното културно наследство. Планирано е да биде ставена во употреба наесен – соопштија од ИКОМОС Македонија.