Во Битола се одржа завршната конференција по повод реализацијата на меѓународниот проект од областа на заштитата на културното наследство „Смарт-кул-тур“ (SMART-CUL-TOUR). Присутните на конференцијата ги поздрави министерката за култутура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека многубројното материјално и културно богатство на нашите простори и неговата презентација во пошироки рамки, несомнено, претставуваше силен предизвик за сите што беа дел од Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за периодот 2014 – 2020 година.
„Проектот, пред сѐ, е резултат на традиционалното пријателство и соработката меѓу двете земји, локалните самоуправи, институциите од областа на заштитата на културното наследство и, секако, меѓу граѓанскиот сектор. Сите заедно значајно придонесуваме за широка кохезија, за рамномерен и одржлив социоекономски развој на прекуграничниот регион, за заштита и промоција на културните вредности, како и за унапредување на туристичката понуда“, потенцираше министерката Костадиновска-Стојчевска.
Според министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, добрите односи меѓу Северна Македонија и Албанија, интензивирањето на различните облици на регионална соработка и идентичноста на стратегиските цели придонесоа климата на доверба полека, но сигурно, да се воспостави во регионот.
„Соработката и поддршката од Министерствата за култура на двете земји, пак, потврдуваат дека само заедно, учејќи за нашите различности низ културно признавање и препознавање, можеме да се избориме за заеднички проекти и конкретни активности“, порача министерката за култура.
Со проектот „Смарт-кул-тур”, како што истакна директорката на НУ Завод и музеј Битола, Мери Стојанова, преземени се чекори за развој на туризмот во Битола и во Корча преку: реновирање на музејската поставка на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, овозможување пристапност за лицата со посебни потреби до театарот и видиковецот на Хераклеја, развиен е повеќејазичен аудиоводич за локалитетот, негова виртуелна и проширена реалност, како и поставување постојана поставка во Музејот „Стерјо Спасе” во с. Глобочани, Општина Пустец.
На завршниот настан, за придобивките од проектот и за постигнатите резултати, говореа и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалниците на општините Битола и Пустец, Тони Коњановски и Пали Колефски, директорот на Директоратот за заштита на културното наследство од Корча, Ѓерги Коки, и директорот на Младинскиот културен центар од Битола, Сашо Додовски.