Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија беше дел од одбележувањето на Европскиот ден на јазиците – 26 Септември, што се одржа на плоштадот „Славејков“ во Софија.
По повод овој значаен културен настан, македонскиот културно-информативен центар, како и културните центри на Чешка, Полска, Шпанија, Италија, ЕУ, својата програма ја презентираа на посебни штандови.
Програмата за посетителите на македонскиот штанд ја водеше режисерот и актер Ѓорги Георгиев-Антика од Штип, со музичко-сценска придружба од Пламен Великов од Софија. Посетителите на македонскиот штанд имаа можност да добијат брошури и каталози од Република Северна Македонија, како и да научат нови интересни факти за македонската култура и јазик.
Во рамките на настанот, КИЦ на РСМ, во Францускиот институт, го прикажа филмот „Последните камбани“ на Николче Поповски, со Мето Јовановски во главната улога, награден со „Гран при“ на Монтреалскиот филмски фестивал.
Низ цела Европа 700 милиони Европејци застапени во 46 земји членки на Советот на Европа се охрабрени да учат повеќе јазици, на која било возраст, во и надвор од училиштaтa. Убедени дека јазичната разновидност е средство за постигнување поголемо меѓукултурно разбирање и клучен елемент во богатото културно наследство на нашиот континент, Советот на Европа промовира повеќејазичност во цела Европа.