На последната вечер на 19. ОФФест во Националната филхармонија, со почеток во 19 часот, ќе настапи виртуозното дуо на иранскиот маестро Кејхан Калхор и турскиот инструменталист Ердал Ерзинџан. Ова е нивно прво претставување пред македонската публика.
„Класичните музички традиции на Персија и на Отоманска Турција што ја инспирираат музиката на Калхор и Ерзинџан имаат многу заеднички нешта, вклучувајќи го и древниот модален композициски систем познат како „макам“, а идејата за импровизација игра огромна улога во нивните духовно и емотивно моќни настапи. Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази“, се вели во прилогот на организаторите за вечерашниот концерт на ОФФест.
Имајќи го предвид ограничениот капацитет на салата (30%) во услови на пандемија, организаторот „Скопски џез фестивал“ и за овој настап – како и за сите претходни од програмата на ОФФест 2020 – обезбеди бесплатен лајв стриминг / пренос во живо преку фејсбук (https://www.facebook.com/OFFest/posts/3509918729085811) и јутјуб (https://www.youtube.com/watch?v=3OeWlnDA5V8) каналите на фестивалот