Државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, денеска се сретна со д-р Абдулазиз Ал Мусалам, претседавач со Институтот за наследство на Шарјах (Sharjah Instutute), како и издавач од Обединетите арапски емирати.
Во пријатна и пријателска атмосфера, на средбата се разговараше за можностите за идна соработка во областа на заштитата на културното наследство.
Беа отворени и прашања поврзани со можната соработка во сите области на културата, со оглед на тоа што во процес на изработка и усвојување е Меморандум за соработка во областа на културата меѓу министерствата на двете земји.
Државниот секретар Азири му подари на гостинот од ОАЕ свое авторско уметничко дело, додека, пак, во насока на афирмација на идната соработка во издавачката дејност, д-р Абдулазиз Ал Мусалам подари изданија со кои Институтот за наследство на Шарјах се претставува на Саемот на книгата во Абу Даби.