Во работна посета на Република Северна Македонија од денеска до 4 април годинава престојуваат Флора Карагијани од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици (ЕКБММ) и Марија Мерцани, раководител на Дирекцијата за конзервација на антички и современи споменици, од Република Грција.
Во рамките на посетата, денеска во Министерството за култура гостите од Грција се сретнаа со министерката Ирена Стефоска. На средбата, меѓу другото, беше иницирано и потпишување меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици. На средбата беше потврдена отвореноста за конкретна соработка помеѓу двете пријателски земји со особен фокус на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита, како и академска соработка и изработка на трудови. На средбата беше договорено дека соработката ќе се формализира оваа пролет, а некои од заедничките проекти ќе може да почнат веќе оваа година.
По средбата во Министерството за култура, делегацијата од Република Грција ќе ги посети и Археолошкиот музеј, Заводот за заштита на спомениците на културата во Битола, црквата „Св Ѓорѓи“ во Курбиново, како и црквата „Св Софија“ во Охрид. За време на посетата, тие ќе разговараат со експерти од Република Северна Македонија за можностите за соработка, размена на идеи и обуки на млади лица во делот на заштитата на културното наследство, односно заштитата на византиските и поствизантиските споменици на културата.
Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици е управуван од страна на Одбор составен од седум члена назначени од страна на Министерството за култура и спорт на Република Грција.Центарот има поширок спектар на дејствување, кој опфаќа организирање курсеви и обуки, доделување стипендии за научни студии или учество во научно-истражувачки проекти, учество во национални или меѓународни програми за научно истражување и технолошки развој, учество во научни активности и мисии на меѓународните организации, како и изработка и објавување на научни студии и други релевантни научни активности.