Како означување на последниот ден од самостојниот мултимедијален проект „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, во Музејот на современата уметност вечер (16 февруари) во 20 часот ќе се одржи промоција на публикацијата и разговор со авторот во друштво на Никола Гелевски и кураторот Владимир Јанчевски.
Од МСУ најавуваат дека ќе стане збор за специфичниот процес на работа и конципирањето на проектот, како и за многубројните референци и богатата иконографија, улогата на уметноста денес и нејзината релевантност во нашата современост, прашања што се присутни во целокупната уметничката работа на Јовановиќ.
По промоцијата, во 21 часот ќе следува музичкиот перформанс „Протерани од Рајот“ на Џијан Емин и Георги Шарески, кои ќе настапат во изложбениот простор.
Мултимедијалниот проект на Ѓорѓе Јовановиќ беше отворен на 19 септември 2023 година во рамките на програмата на МСУ – Скопје, а побуди голем интерес кај публиката и забележа одлична посетеност. Куратори на проектот се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.