Во Националната галерија на Република Северна Македонија-објект Чифте амам, вечерва (20 септември) во 19:00 часот ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник Валмир Азири, насловена „ Ad astra“.
Станува збор за петта по ред изложба на Азири кој досега ги реализираше: изложбата нa фотографии „Рефлексија”, изложбата со дигитални графики „Во почетокот беше зборот“, изложбата на дигитални принтови „Сенки на душата“ и изложбата на дигитални дела „Дигитализирани духовни вибрации“.
Валмир Азири е роден е во 1977 година во Тетово. Дипломирал на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, на отсекот графички дизајн. Долго време е член на Здружението на ликовни уметници, има реализирано самостојни изложби а учествувал и на многу групни изложби и ликовни колонии. Во 2009 година е именуван за директор на Уметничката Галерија во Тетово, во 2011 година е назначен за директор на Театарот во Тетово, а од 2017 година е државен секретар во Министерството за култура.