Во Радање, Општина Карбинци, Штипско, се одржа Mеѓународниот јуручки фестивал – 2022 година. Фестивалот се одржува трета година, а учествуваат културно-уметнички друштва кои ги презентираат своите народни ора и носии.
На Фестивалот, пред присутните се обрати и советникот во Кабинетот на Министерството за култура, Афет Јашари. Тој истакна дека од етнолошки аспект, фестивалите се значајни бидејќи на тој начин се заштитуваат старите архаични песни, ора и народни носии.

„Јуручкото население во Република Северна Македонија е дел од фолклорниот колорит и поради тоа Министерството за култура во континуитет ги поддржува нивните обичаи и традиција, и со тоа дава придонес во збогатувањето на културните активности и промоција на фолклорот во руралните средини“, рече Јашари.