На местото каде некогаш се наоѓала работилницата на мајсторот Вангел Деребан во чаршијата во Охрид е отворен музеј посветен на филигранот, место каде е презентиран филигрански алат, поставка како и презентација на сето културно богатство сочувано од семејството Деребан.
Станува збор за проект поддржан од ЕУ со грант преку Проектот за регионална и локална конкурентност, кој предвидува нов објект, внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.
Во изложбениот простор е презентиран накит стар и неколку века што го собирал и го изработувал Вангел Деребан.
Експонатите изложени во музејот се од 18 и 19 век, како украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично.
Дел од објектот е наменет за работилница каде тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат како се изработуваат филигрански предмети.
На отворањето беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.