Во КИЦ – Тирана самостојна изложба на Марјан Стојаноски

од admin_kult

Во Културно-информативниот центар во Тирана, Република Албанија, вечер (11 септември) во 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот уметник Марјан Стојаноски.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура, од Годишната програма за 2023 година за меѓународна дејност.

Историчарот на уметноста, Викторија Димеска, за изложбата на Стојаноски нагласува дека виорниот и енергичен јазик во асоцијативно-апстрактните композиции на овој академски уметник понесува со моќна експресивност.

„Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна  и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини“, истакнува Димеска. Таа дополнува дека интензивните колоритни симболи и знаци навестуваат богат субјективен семантички јазик создаден во текот на повеќегодишно ликовно истражување, а дека со стилизирање на динамичните форми и живописните површини, уметникот создал автономен и специфичен ликовен стил.

Стојаноски минатата година имаше одлично претставување во КИЦ во Софија, Бугарија, со скулптури од различен формат. Изложбата „Panta rhei“ со ротирачки скулптури, изработени од метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес кај бугарската јавност. 

Уметникот Марјан Стојаноски завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професор Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ. Во два наврата е претседател на ДЛУП каде што во 2015 година, како член, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“.

Има реализирано голем број изложби, како самостојни, така и групни.   

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе