„Заштитата и промоцијата на мајчиниот јазик преку литературата“ беше темата на втората дебата од серијалот „#Culture Talks“ што ја организираше денеска „Европската куќа“ во Скопје (Europe House).
На дебатата, која се одржа по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, беше истакнато виталното значење на овој ден за промоција и заштита на сите јазици, но истовремено и за подигнување на свеста за лингвистичката и културната разновидност.
Учесници на дебатата беа: амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура; Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература; Дејан Василевски, лектор по македонски јазик.
Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше посочен и проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во контекст на овие активности, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска напомна дека за да ја заштитиме литературата, претходно мора да работиме, да го негуваме мајчиниот македонски јазик, да го зачуваме секој дијалект, секоја буква.
Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство што македонскиот јазик е признаен како официјален во Европската Унија и ги напомна активностите што се преземаат за негова заштита и промоција.
Tаа нагласи дека годинава во културата се прославуваат неколку значајни јубилеи, и во тој контекст се поддржани неколку проекти на Институтот за македонски јазик, преку кои достојно ќе биде одбележан неговиот седумдецениски јубилеј, како и 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“.
Министерката за култура се осврна и на поддршката за манифестациите кои имаат огромно значење за промоцијата на нашиот јазик, како што се Струшките вечери на поезијата и Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Таа потсети дека годинава добиле поддршка 500 наслови и близу 40 манифестации во издавачката дејност.
Амбасадорот Дејвид Гир истакна дека со задоволство се приклучува, како што рече, на оваа прослава на мајчиниот јазик. Тој додаде дека за него, англискиот јазик е мајчин јазик, јазик со кој е лично поврзан и чувствува дека има предност што зборува на јазик кој е широко распространет, исто како што тоа, на пример, го чувствува некој од Шпанија и слично.
За познавањето на македонската литература, амбасадорот Гир рече дека неговите соработници секогаш се трудат да го запознаат со тоа што нему му причинува задоволство. Тој додаде дека македонската книжевност може многу да ѝ понуди на Европската Унија.
„Ваквите настани се фасцинанти и многу излагања овде ми ги отворија очите. Оваа култура има што да каже не само тука, но и во ЕУ“, додаде Гир.
Весна Мојсова-Чепишевска, редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, истакна дека нашата литература опстојува низ минатото без разлика колку бил негиран македонскиот јазик.
Во врска со прашањето зошто малку се изучува македонскиот јазик, Мојсова-Чепишевска рече дека квантитетот не секогаш дава квалитет, а македонскиот јазик треба да го изучуваат оние студенти што вистински го сакаат јазикот и што вистински сакаат да го применуваат.
„Македонскиот јазик треба да го учи најдобриот, тој што вистински сака да го учи. Писателите се една добра армија која го чува јазикот, а преку преводот тие стануваат европски автори“, рече Мојсова-Чепишевска.
За лекторите по македонски јазик во светот, Мојсова-Чепишевска кажа дека имаме десет лекторати, кои имаат образовна и едукативна цел, но остваруваат функција и на културна дипломатија. Таа посочи дека состојбата не е, како што кажа, „розова“, не е ни лоша, а има напори да се отворат лекторати и во Турција и во Кина.
Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература, истакна дека активностите на Семинарот за македонски јазик, литература и култура за промоција на македонскиот јазик се навистина значајни, но, како што рече, не може целата борба да падне на грижата на поединци, а за тоа повеќе треба да направи државата.
Андоновски ја истакна потребата од формирање Агенција за книга, која ќе работи на промоција и афирмација на македонската книжевност во светот. Тој ја посочи и важноста од учеството на саемите на книгата, особено на оној во Франкфурт, каде што треба да се има поразличен пристап во промоцијата.
„Македонските автори се трудат да пишуваат литературно. За преводите, примената е послаба, според мене тоа е заради ниските цени на преводите. Лоша е состојбата во примената на македонскиот јазик во медиумите и интернет порталите кои речиси и да немаат лектор, се пласираат информации кои воопшто не се лекторирани“, истакна Василевски. Тој додаде дека потребна е поголема контрола на примената на јазикот, и истакна дека тоа ќе се уреди со новиот Инспекторат за примена на македонскиот јазик чие формирање е предвидено со новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик.
Во дебатата свои размислувања на посочената тема дадоа и студенти, новинари, лектори, библиотекари и други.