Во Дебар се одржа детскиот фестивал „Радика фест 2023“

од admin_kult

Во Центарот за култура во Дебар се одржа 14. издание на Фестивалот на детски забавни песни  на македонски јазик „Радика фест 2023“.

На Фестивалот беа изведени 16 нови авторски композиции, а настапија деца од: Дебар и Дебарско, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Струга и Охрид.

Пред преполнетата сала, најпрвин поздравен збор имаше Зинче Мимидиноски, директор на Фестивалот, кој на присутните гости им посака пријатни мигови, а на учесниците многу успех. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Стручното жири ја прогласи Надија Нурединоска од дебарското село Долно Косоврасти за победник на Фестивалот, која настапи со песничката „Веселата Меги“. Наградата за најдобар вокал ѝ припадна на Санија Исламоска од Лабуништа, за најдобар сценски настап наградата ја добија Хамзе, Есра, Нела и Џансу од Центар Жупа и наградата за најдобар дебитант Амели Фејзули од село Велебрдо, Општина Маврово и Ростуше.

Гости на Фестивалот беа фолклорната секција од Основното општинско училиште од Ростуше и литературната секција од ООУ од Жировница.

Детскиот фестивал „Радика фест 2023“ се реализираше со поддршка од Министерството за култура, Центарот за култура – Дебар и општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе