Со „Беседа за Рацин“, доделување на „Рациновото признание“ и „ Почесното Рациново признание“ за 2022 година и претставување на книжевните портрети на добитниците, во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес синоќа се одржа централната манифестација на 59. „Рацинови средби“.
Наградата „Рациново признание“ за најдобро прозно остварување за 2022 година му е доделена на авторот Александар Русјаков за романот „Хотел меѓу две војни“, а „Почесното Рациново признание“ за 2022 годинава му припадна на проф. д-р Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад, истакнат српски лингвист и редовен професор на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Настанот беше проследен со сценски перформанс од животот на Рацин, а во делот на музичка програма настапија Орхидеја Дуковска – вокал и Благој Ламјов – кларинет.
Претходно во рамки на програмата на 59. „Рацинови средби“ се одржа симпозиумот „Беседи за Рацин“ и „Јазикот кај авторите од Велес и Велешко“ во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје. Во Спомен-костурницата од НОВ, каде меѓу борците почива и Рацин, се одржа поетски перформанс „Замињата на слободата“, а пред споменикот на Рацин во центарот на Велес се читаа „Стихови што вечно траат“, и беше положено цвеќе и оддадена почит на големиот поет и револуционер.
59. „Рацинови средби“ ќе бидат затворени вечерва со „Поетски митинг“ на кој домашните и странски автори ќе бидат претставени пред велешката публика.