Вечерва во Битола започнува второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, со кој официјално започнуваат годинашните 53. по ред „Илинденски денови“.
Центарот за култура во Битола е и организатор на овој прв фестивал од ваков тип кај нас, посветен на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи. Фестивалот ќе трае до 22 јули, а селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски, новинар од Франција.
„ По минатогодишното прво издание, за оваа година селектираните филмови опфаќаат широк спектар на интереси од културолошка тематика, како и социјална антропологија од повеќе континенти. Мисијата на овој фестивал е да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи во етнографските филмови, да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции, но и да го буди гласот на совеста кај проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство. Влезот за сите проекции ќе биде слободен“, информираат од Центарот за култура во Битола.