„Порака“ е насловот на виртуелната онлајн-изложба на академскиот сликар од Крива Паланка, Роберт Цветковски. Изложбата се реализира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија, а е поддржана од Министерството за култура.
Поради пандемијата од КОВИД-19, немаше можност делата да бидат поставени во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија, но затоа љубителите на ликовната уметност ќе може да ги разгледаат виртуелно: https://robertcvetkovski.wixsite.com/robertcvetkovski/online-exhibition-2020.
Изложбата е селекција на триесет дела од опусот на Цветковски создавани во текот на изминатите четири-пет години. Изложбата беше отворена со онлајн- вклучување на авторот, со видеопрезентација и онлајн-галерија. На линкот поставен на официјалната веб-страница на Цветковски, како и на неговата фејсбук-страница, освен изложбата, може да се видат сите негови дела.
Изложбата „Порака“ ќе биде достапна за јавноста до 30 декември. Ова е втора изложба на Цветковски годинава реализирана на интернационално ниво, по онаа во ноември во Истанбул, Република Турција. Инаку, делата на Цветковски од неговото тридецениско творештво ги има на сите континенти.