Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија информира за отворениот повик на УНЕСКО за доставување апликации за Програмата за млади професионалци за 2021 година, со цел подобра географска застапеност на вработените во Секретаријатот на Организацијата и засилување на тимот на млад кадар.
Кандидатите од Република Северна Македонија кои сакаат да се пријават на повикот, треба да ги исполнуваат следниве критериуми:
- да се државјани на Република Северна Македонија;
- да се на возраст до триесет и две години заклучно со 31 декември 2021 година, односно да се родени на или по 1 јануари 1989 година;
- да поседуваат универзитетска диплома за завршени постдипломски студии (магистер или еквивалентна диплома) во една од следниве области: образование, култура, комуникации, општествени и хуманистички науки, деловна администрација, сметководство/финансии, право и меѓународни односи;
- течно да зборуваат англиски или француски јазик. Познавањето на двата работни јазика би било предност, додека познавањето на арапски, кинески, руски или шпански јазик ќе се смета за дополнителна предност.
Покрај горенаведените критериуми, изборот ќе се изврши во согласност со основните вредности на УНЕСКО: интегритет, професионализам, почитување на различностите и посветеност на мандатот на УНЕСКО. Претходното релевантно професионално искуство може да биде дополнителна предност, но тоа не е основен услов за изборот.
Листата на работни места, со краток опис на работните задачи и обврски и потребните квалификации, е достапна овде YOUNG PROFESSIONALS PROGRAMME (YPP) – 2021
Избраните кандидати ќе бидат вработени со договор на определено време (ниво П1 и П2) на позиции што може да бидат во седиштето на УНЕСКО во Париз или во некоја од регионалните канцеларии на УНЕСКО. Обновувањето на договорот ќе зависи од деталната процена на резултатите од работењето во текот на првите 9 месеци пробен период.
Заинтересираните кандидати треба да ја достават следнава документација:
– Кратка биографија на кандидатот на англиски јазик што не е подолга од две страници
– Писмо за интерес на англиски јазик во кое е наведено работното место за кое е заинтересиран кандидатот
– Уверение за државјанство
– Копија од диплома заверена на нотар
– Меѓународно признаен сертификат за познавање англиски или француски јазик што не е постар од пет години.
За таа цел, заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи, со придружно писмо во кое ќе биде нагласено дека се однесува на Повикот за апликации за Програмата за млади професионалци на УНЕСКО за 2021 година, до Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, по пошта (Министерство за култура, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, 1000 Скопје) и во електронска форма на следниве адреси: t.kraljevska@kultura.gov.mk и ljupco.smilev@kultura.gov.mk, најдоцна до 30 јуни 2021 година.
Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, во согласност со добиените апликации, ќе направи избор на 15 најуспешни кандидати, кои ќе бидат доставени за понатамошен процес на оценување што ќе го спроведе УНЕСКО.