Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија утре (11 мај, вторник), во 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Преобразби“ од Владимир Мартиновски. Оваа поетска збирка пред публиката ќе ја претстави Мартин Христов од бугарската издавачка куќа „Ерго“, а обраќање ќе има и преведувачот, поет и ликовен уметник Роман Кисјов.
Поетската збирка „Преобразби“ ќе биде претставена и на 12 мај, на манифестацијата „Европска ноќ на литературата“, која во организација на странските културни центри и амбасади во Бугарија, се одржува по десетти пат. Во дворот на Куќата-музеј на Пејо Јаворов во Софија, каде што ќе биде македонското читателско место, публиката ќе може да се запознае со поезијата на Владимир Мартиновски.
Преведувачот на збирката, Роман Кисјов, вели дека Владимир Мартиновски е модерен, концептуален автор, а секоја негова книга е организирана со определен концепт и е задлабочено обмислена.
– Неговата поезија е интелектуална, естетичка и истовремено лесно достапна. Таа е богата со теми и идеи, во неа коегзистираат парадоксалното, необичното и обичното, егзистенцијалното и интимното, неопфатното и малото, метафизичкото и предметното… За жал, до овој момент, авторот е речиси непознат во Бугарија. Книгата „Преобразби“ ја пополнува таа празнина во познавањето на еден од најинтересните современи македонски поети. Таа го содржи најдоброто од неговата поезија и во неа се вклучени текстови од речиси сите негови поетски книги – додава Кисјов.
Од КИЦ – Софија информираат дека местата за промоцијата на книгата на Мартиновски, поради состојбата со пандемијата од КОВИД-19, се во ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние што се запишале претходно.